
Таканаречен „Лов на богатство“ беше планираната активност за целиот 6ти и последен ден од серијалот Викенди на промена. Се оддржа во Скопје, и ова беше совршена прилика за учесниците да ги проверат знаењата кои ги стекнаа за време на претходните пет средби.
Беа поделени во три тимови, и им беа доделени неколку листа со задачи кои мораа да ги исполнат. За нивното исполнување тие мораа да се послужат со вештините стекнати од областа на Менаџирање со време, градење на квалитетен тим, препознавање на водач, одредување на приоритети итн. Еден дел од задачите беа да се направат фотографии од најразлични ситуации и истите да се отпечатат и да се залепат на соодветно место во тимскиот албум кој истотака им беше доделен на почетокот. Задачите беа најразновидни, од сликање на целиот тим во телефонска говорница до заедничка слика со Американскиот Амбасадор во Македонија, господинот Филип Рикер и неговата сопруга, госпоѓа Солве Рикер. Истотака би сакале и да изразиме огромна благодарност за нивното учество и поддршка на проектот.
На крајот на денот, кога сите тимови помалку или повеќе успеаа да ги завршат своите „мисии“ се собраа на едно место во старата градска чаршија, каде беа прогласени победниците, и исто така на сите учесници им беа доделени сертификати за учество и стекнати вештини.
Покрај сертификатите, сите учесници добија копија од директниот производ од овој проект, односно Етичкиот кодекс, кој беше создаван дел по дел на секоја од посебните средби. Дизајнот за овој етички кодекс, како и за сертификатите а и за маичките го изработи АО Продукција.
Со ова, проектот „Викенди на промена - Ти си промената!“ ги завршува своите главни активности, а тимот на Интегритет Алфа и Омега заедно со Бизнис Академијата Смилевски се среќни затоа што успеаа, со огромна помош од Американската Амбасада во Скопје, да постигнат промена која се надеваме понатаму ќе се покаже како значајна во нашето општество.

