Donation

Викенди на промена

      

 

 

Дали некогаш сте помислиле дека сите удари во боречките вештини можат да се искористат за нешто друго освен за борба? Дали некогаш сте помислиле дека на еден тренинг по боречки вештини може да се изучат некои животни лекции? Дали сте помислиле дека најчестите општествени проблеми можат да се решат преку боречки вештини? НВО Интегритет Алфа Омега, разви нов начин, нов иновативен пристап кон секојдневните проблеми, а ги употребува боречките вештини како начин на пристап кон младата популација, младиот сектор на нашето општество со други зборови, оние на кои им припаѓа иднината на нашето општество. Овој проект, ги сплотува етничките, економски и класни разлики на нашето општество во шест посебни спортски викенди. Три клубови за боречки вештини, кои ќе претставуваат различна боречка вештина но и различна етничка или класна припадност, ќе се здружуваат секој втор викенд во наредните три месеци и ќе вежбаат и развиваат меѓусебно пријателство, покрај тоа што ќе изучат нови работи околу боречките вештини. На овие викенди ќе се развиваат начини за меѓусебна толеранција, за нови начини за надминување на проблемите со интеркултурниот дијалог како и за развивање на т.н. Кодекс на однесување (Code of conduct) кој ќе послужи како еден вид правилник за однесување не само во салата за тренинг туку и надвор, во реалниот живот.  Кодексот ќе го направат токму оние кои што најповеќе имаат потреба од него, слично како што „татковците“ на модерна Америка го направија тоа во далечната 1787 кога се состанаа да го верификуваат и да го создадат модерниот устав кој и ден денес претставува највисок степен во законодавството на САД.

   

Проектот е со намера насочен кон младите, бидејќи токму во нив има најголем потенцијал за постигнување на некаква промена во секојдневниот живот и во модерното општество. Впрочем и самото име на проектот „Викенди на промена; Ти си промената!“ го потенцира тоа. Избраниците од секој клуб кои ќе присуствуваат на активностите замислени во соработка со факултетот БАС, ќе бидат од различна вероисповест, националност или класна припадност. Ќе бидат на возраст од 16 до 30 години што се совпаѓа со европската дефиниција за млади. Секој учесник на крајот од проектот, ќе добие диплома, видео материјал од случувањата и ќе добие своја копија од кодексот на однесување.  

Како партнери за овој проект се јавуваат, Американската Амбасада во Скопје како главен и најважен поддржувач на проектот, понатаму Град Скопје и компанијата МакКар која е генерален застапник за возилата на BMW и MINI во Македонија, Бизнис Академија Смилевски како главен соработник во обуката и развојот на темите на работа на проектот, понатаму Џит Кун До клубот The Strongest Aerodrom од Скопје и Карате клубот „Дрини“ од Струга и Алфа Омега Продукција како главен соработник во логистиката и организацијата на целиот проект.