
Трета година по ред, возот за промоција на здрав и активен спортски живот меѓу младите, управуван од НВО Интегритет Алфа и Омега, го организира настанот Young Talent Duathlon односно Дуатлон за млади таленти. Оваа година, учество ќе земат повеќе средни и основни училишта од атрактивните Македонски градови, Пробиштип и Битола.
Дуатлонот, претставува спортски натпревар, кој содржи, една етапа трчање и една етапа возење велосипед. Етапата со трчањето е поделена на два дела, со тоа што првиот дел се изведува пред велосипедската етапа, а вториот дел веднаш по завршувањето на велосипедската етапа. Овој спорт, потекнува од популарниот спорт триатлон, со тоа што тука е изоставен делот со пливањето. Примарно овој спорт е создаден, за триатлонците да останат во форма за време на зимските месеци, кога пливањето не е возможно од временските услови.
Во организацијата на настанот, ни помогнаа голем број на покровители и помагатели, од кои како Генерален Покровител се јавува компанијата ЕВН – Македонија, потоа тука се Американската Амбасада во Македонија и Општините на градовите Пробиштип и Битола, додека пак како главни медиумски покровители се интернет порталот „Кајгана“ и месечниот магазин „Форум“.
Оваа година настанот е поделен во две фази, односно во два града. Во градот Пробиштип, натпреварите ќе се оддржат на 28 Октомври 2010, а подоцна на 1 Ноември градот Битола ќе ја покаже својата гостопримливост и ќе биде домаќин на втората фаза од натпреварите. Се очекува голем број млади луѓе да настапат на овие натпревари, со што Интегритет Алфа Омега, ќе се потруди за секој од нив да обезбеди квалитетни услови за натпреварување, да овозможи да се запознаат со дуатлонот и триатлонот како спорт и да им овозможи да научат како да живеат здрав и активен спортски живот.
